Здружението НЕФРОН – Скопје е основано во 2003 година и е регистрирано во Основниот Суд Скопје 1 на 09.06.2003г. како здружение на бубрежно болни граѓани со седиште во Скопје. Од основањето се до денес Здружението Нефрон е иницијатор и реализатор на низа едукативни и превентивни активности во врска со подигнување на свесноста на населението за бубрежните болести во Македонија, трансплантацијата на бубрези и органодарителството.

Здружението Нефрон ги застапува интересите, потребите и барањата на околу 1500 пациенти со терминална бубрежна болест, на повеќе од 200 граѓани со трансплантиран бубрег и други членови на заедницата-органодарители, здравствени работници и соработници кои работат со оваа категорија на лица и нивните семејства.

Основната дејност на здружението е да се залага и бори за што поквалитетна здравствена заштита на пациенти од Македонија со хронична бубрежна болест кои се лекуваат со дијализа и трансплантација, да се залага за превенција, рано откривање и третман на бубрежните болести, да обезбедува и спроведува едукација на членството за нивните правата, за подобрување на квалитетот на живот, да се залага за развој и унапредување на органодарителството; да соработува со надлежните здравствени и социјални институции, да спроведува и реализира проекти од и за членовите и заедницата; да се залага за унапредување на правната рамка за органодарителство и трансплантација.

Здружението им дава поддршка на граѓаните без разлика на нивниот пол, раса, боја на кожа, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување,  образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа.

Своите цели и активности ги остварува со реализирање на непосредни и конкретни активности и тоа: директна работа со членство преку отворена канцеларија, спроведување заеднички проекти, организирање состаноци, трибини, тркалезни маси и едукации, средби, посета и одржување работни состаноци со центрите за дијализа, доставување на предлог-мерки, состојби и идеи до надлежните институции за унапредување на правната рамка за поквалитетна здравствена заштита, издавање на едукативни материјали, настапи во медиуми, обезбедување на донации и спонзорства за подобрување на условите на членството, меѓународна соработка и размена на искуства, спроведување на активности за рехабилитација и промоција на здрав живот и навики и практикување на спорт кај членството, помош и посредување во остварување на права и бенефиции.

Здружението НЕФРОН е отворено за зачленување на сите кои ги прифаќаат и поддржуваат целите, мисијата и визијата на здружението и дејствувањето регулирано со Статут.

За зачленување е потребно да се поднесе ПРИСТАПНА ЛИСТА во просториите на здружението. Со пристапната листа се поднесува една слика.

Годишната членарина изнесува 400,00 ден и може да се уплати на жиро сметка Здружение Нефрoн 300 000001717712 Комерцијална Банка.

Членството во здружението носи одредени предности и бенефиции за членовите.
За сите дополнителни прашања и информации посетете ја канцеларијата на здружението на ул.11 Октомври бр. 17 во Скопје или контактирајте не на:
Телефон: 02/ 322 58 99                                                      
e-mail:  zdruzenienefron@yahoo.com
FB/Messenger: https://www.facebook.com/NEFRONzdruzenie/